Interview with our curator Tevz Logar

Screen Shot 2019-08-03 at 17.52.31

Најдобрите павилјони на Венециското биенале се спој на креативност и добра организација

Link to PDF full interview

Link to Newspaper

NOVA MAKEDONIJA 27.12.2018

Тевж Логар, куратор од Словенија, неколкупати учествувал на престижното Венециско биенале на уметноста, првиот пат како комесар на Словенечкиот павилјон во 2009 г., кога беше претставен уметникот Миха Штрукељ, потоа во 2013 г. како куратор на Словенечкиот павилјон, во соработка со реномираната уметница Јасмина Цибиќ, и минатата година, кога го претставуваше „НСК Стејт павилјонот“. Со македонската уметница Нада Прља се запознава во 2009 г., кога таа беше дел од 28-то Графичко биенале во галеријата „Шкуц“ во Љубљана, која Логар ја предводеше долго време, а неодамна почнуваат и да соработуваат. Долгорочна соработка има со уметникот Улај, познат како поранешен соработник и животен сопатник на славната Марина Абрамовиќ. Во 2014 г. заедно основаат фондација посветена на неговата работа, а во моментов се подготвува публикација за неговиот проект „Фототот“, кој го извел во далечната 1976 година во Де Апел во Амстердам.

Кој од ангажманите на Венециското биенале ви беше креативно најинтересен?
– Секако, најкреативна беше соработката со Јасмина Цибиц, бидејќи тоа беше некакво продолжение на нашата соработка, во проектот бевме заедно од самиот почеток, така што бев соочен со донесување на сите одлуки од креативен, бирократски, логистички и стратегиски аспект. И другите две учества беа многу важни за моето разбирање на тоа што претставува Венециското биенале како манифестација. Најбитна работа како продуцент е да имаш квалитетна идеја на која можеш да градиш сѐ. Но ништо не ти помага ако не си свесен дека тука има многу бирократија, логистика и други работи што се врзани за биеналето како институција, ти всушност работиш внатре во еден етаблиран бренд. Венеција е комплексно место каде што се случува продукција на уметнички дела во еден од најавтентичните европски градови и буквално за сѐ ти треба некоја дозвола. Потоа тука е делот на дистрибуција и публицирање на павилјонот, што на некој начин е проект сам за себе, бидејќи треба да направиш стратегија како да се пласира проектот и да се направи видлив за стручната публика, медиумите и за пошироката публика. На пример, еден од предизвиците се првите неколку дена, за време на отворањето на павилјонот, кога буквално секоја минута нешто се случува. Да привлечеш публика на отворањето токму на својот павилјон е вистински потфат за кој треба да бидеш свесен кога работиш на организација. За жал, квалитетот не е доволен за павилјонот да биде видлив, всушност најдобрите павилјони ја содржат токму оваа комбинација меѓу креативноста и добрата организација, мислам дека тоа го постигнавме со уметницата Цибиц и со тимот на нашето претставување на 56-то Венециско биенале.

Screen Shot 2019-08-03 at 17.38.48

Незаборавен е Словенечкиот павилјон што го куриравте во 2013 година, тогаш всушност беше лансирана кариерата на Цибиц, колку Венециското биенале влијае на кариерата на уметникот?
– Биеналето е една сцена, но од луѓето и проектот зависи колку ќе се биде присутен на таа сцена. За тоа постојат повеќе фактори. И ако тие се совпаднат, поголем е успехот. На пример, Јасмина Цибиц веќе имаше излагано во меѓународни простори на современата уметност и тоа ѝ даде искуство, а биеналето даде само потврда дека тоа може да го прави и на повисоко ниво. Треба да е јасно дека за нејзиниот меѓународен успех е заслужната самата таа, бидејќи работи многу, и тоа ѝ дава долготрајна присутност во системот на современата уметност. Биеналето беше само дел од таа приказна.

Како влијаеше на вашата кураторска практика позицијата на куратор на националниот павилјон на Словенија? Што научивте од ова искуство?
– Таа позиција не влијаеше толку на развојот на мојата кураторска практика, колку што влијаеше на видливоста на мојата работа во меѓународни рамки. Од тоа искуство ја научив величината на некои практични работи, кои се многу важни ако си вклучен во процесот на создавање на еден павилјон во Венеција. Најважно е што се потврди мојот начин на работа со уметниците, кој е некако долготрајно структуриран, и тоа беше уште една потврда дека работам во вистинска насока. По биеналето, Јасмина и јас создадовме професионална и лична врска, што значи дека довербата била заемна, а тоа ми е многу важно во работата со уметниците.

Што е тоа што визуелно функционира/комуницира со публиката, која трча помеѓу павилјоните, имајќи лимитирано време да ги погледне проектите?
– Интересно е дека кога зборуваме за Венециското биенале, зборуваме како за некој настан што трае само три дена, а не како манифестација што трае шест месеци. Вистина е дека голем дел од системот на валоризација на уметноста се сведува на импулсивни настани во форма на отворања изложби. Секако, ликовноста и визуелниот аспект на презентацијата и интелектуалното ниво влијаат на перцепцијата на делото. Лично не сум прагматичен и во таа смисла ниеден проект не го гледам како некој Прокрустесов кревет, каде што проектот се приспособува на некои параметри. Но треба да се нагласи и тоа дека уметничкото дело секогаш е однос меѓу концептот и формата и дека тоа заедно дејствува во некој излагачки контекст. И ако прифатиме да бидеме дел од „маскарадата“ на современата уметност, треба да ги имаме предвид и механизмите со кои располагаме. Многу елегантно и паметно може да се донесуваат одлуки што го промовираат проектот на концептуално и визуелно ниво, но не го компромитираат туку стануваат негов интегрален дел.

„НСК Стејт павилјонот“ беше фасцинантен проект што вклучи повеќе од 200 учесници, меѓу кои и имиња како Славој Жижек. Колку публиката во Венеција има слух за алтернативни активности?
– „НСК Стејт павилјонот“ беше одлично прифатен и добро посетен. Тоа е доказ дека ако имате квалитетна содржина, искуство во продукцијата и популаризацијата, можете да направите нешто релевантно, нешто надвор од вообичаените начини на работа за Венециското биенале. Луѓето сѐ уште бараат квалитетна содржина, бидејќи тоа ти ги окупира мозокот и телото, останува како материјал за кој се размислува по завршувањето на биеналето, лесните коктели, забави и незадолжително шетање од павилјон до павилјон.

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s